РУСИЈА ПОБАРАЛА ОД КИНА ДА Ѝ ПОМОГНЕ СО ВОЕНА ОПРЕМА ВО УКРАИНА, ВЕЛАТ АМЕРИКАНСКИ ФУНКЦИОНЕРИ

    РУСИЈА ПОБАРАЛА ОД КИНА ДА Ѝ ПОМОГНЕ СО ВОЕНА ОПРЕМА ВО УКРАИНА, ВЕЛАТ АМЕРИКАНСКИ ФУНКЦИОНЕРИУништен руски тенк близу Чернихив. (Фото: Твитер)

    Русија побарала од Кина воена опрема за поддршка на инвазијата на Украина, според американски функционери, предизвикувајќи загриженост во Белата куќа дека Пекинг може да ги поткопа напорите на Западот да им помогне на Украинците да ја одбранат својата земја.

    Американски функционери изјавија за „Фајненшл Тајмс“ дека Русија побарала воена опрема и друга помош од почетокот на инвазијата, но одбија да споделат детали што конкретно побарала Русија.

    Според друг извор на „Фајненшл Тајмс“, САД се подготвува да ги предупреди своите сојузници дека Кина се подготвува да ѝ помогне на Русија. Други американски функционери велат дека има знаци дека на Русија ѝ снемува разни видови на оружје откако војната во Украина влезе во третата недела.

    Ваквите тврдења доаѓаат откако Џејк Саливен, национален советник за безбедност на САД, се упати кон Рим на средба со Јанг Џиечи, директор на кинеската централна комисија за надворешни работи. Пред да го напушти Вашингтон, Саливен ја предупреди Кина да не се обидува да ја спаси Русија од санкциите што ѝ ги наметнаа САД и сојузниците.

    „Ќе се осигураме дека ниту Кина, ниту никој друг, да не може да ѝ компензира на Русија за овие загуби. Како конкретно ќе го направиме тоа, нема да кажам јавно, но ќе комуницираме приватно со Кина“, изјави Саливен за „Ен-Би-Си“.

    Барањето за воена опрема и друга помош од Кина доаѓа откако руската војска наиде на потешкотии да ги реализира своите очекувани цели во Украина.

    Кина досега се претставуваше како неутрален актер во војната во Украина и одби да ја осуди Русија за инвазијата.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира