САД и Велика Британија велат дека Русија почнала да ги засилува и снабдува своите трупи во Донбас во источна Украина, верувајќи дека борбите во регионот ќе се интензивираат во следните недели. И украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера кажа дека Русија трупа војска за нова офанзива на истокот, додека Москва предупреди дека нема да запре со своите воени операции поради мировни преговори.
„Не веруваме дека Русија веќе почнала офанзива во Донбас. Таа сега ги засилува и снабдува своите сили, кои сè уште се северно од градот Изјум, околу 180 километри северно од Доњецк“, изјави функционер од Пентагон.
Британското министерство за одбрана соопшти дека руските сили продолжуваат да се повлекуваат од Белорусија за да ги поддржат операциите во источна Украина, со фокус на Донбас.
„Борбите во источна Украина веројатно ќе се засилат во следните две-три недели. Руските напади остануваат фокусирани на украинските позиции близу Доњецк и Луганск, а борби има и околу Херсон, Миколаив и Краматорск“, напиша министерството на Твитер.
Според Пентагон, најголем дел од руските баталјонски тактички групи сè уште се во Украина, од кои над 55 се на југот.