Русија потврди дека еден од најзначајните бродови на нејзината црноморска флота „Москва“ е сериозно оштетен по експлозија, за која Украина вели дека е резултат на ракетен напад. Руското министерство за одбрана кажа дека пожар предизвикал детонација на муниција на 186 метри долгиот брод, додавајќи дека целата посада навреме била евакуирана, пренесе агенцијата „Интерфакс“.
Оттаму не кажаа што е причината за пожарот, додека гувернерот на регионот Одеса, Максим Марченко, изјави дека „Москва“ бил погоден со два антибродски крстосувачки проектила „нептун“ од украинско производство.
„Проектилите ‘нептун‘ кои го чуваат Црното Море предизвикаа сериозна штета“, кажа Марченко.
„Москва“ е вториот голем руски воен брод за кој е познато дека претрпел сериозни оштетувања од почетокот на војната. Минатиот месец, украинските сили го уништиле десантниот брод „Орск“.
„Москва“ бил изграден во почетокот на 1980-ите и имаше важна улога во руската воена кампања во Сирија. Тоа беше бродот на кој му се спротивставија украинските морнари од Змискиот Остров на почетокот на војната, пред да бидат заробени.