Русија вели дека сè уште постојат шанси за дипломатско решавање на кризата околу Украина. На состанокот што се пренесуваше на телевизија, Владимир Путин кажа дека дипломатските разговори сè уште не се исцрпени.
Неговите коментари следуваат додека бројни држави ги повикуваат своите граѓани веднаш да ја напуштат Украина зашто руска инвазија може да почне во секој момент. Русија постојано негира дека планира да ја нападне Украина.
На состанокот на кој седеа на голема дистанца, Путин го праша министерот за надворешни работи Сергеј Лавров дали постои шанса да се постигне договор со западот или дипломатијата е само обид Русија да се вовлече во бесконечен преговарачки процес.
„Можностите за преговори се далеку од исцрпени, но не треба да продолжат на неодредено време. Јас би предложил да продолжат и да се засилат“, одговори Лавров.
На друг состанок во Кремљ, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу му кажал на Путин дека дел од руските воени вежби близу границата со Украина веќе завршиле, а други се при крај. Според аналитичарите, ова е уште една назнака дека Русија е подготвена да ги олесни тензиите.
САД денеска објавија дека ќе испратат уште осум борбени авиони Ф-15 во Полска за да земат учество во воздушните патроли на НАТО. Во Полска во наредните денови ќе пристигнат и дополнителни 3.000 американски војници, чија мисија не е борбена.