Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја предупреди Европа дека би можела да се врати во кошмарот на воен конфликт, повикувајќи на формирање нов европски безбедносен пакт со кој би се спречило ширењето на НАТО кон исток. Тој се сретна со својот американски колега Ентони Блинкен во Стокхолм, кој го предупреди дека Русија ќе се соочи со сериозни последици ако ја нападне Украина и ја повика да побара дипломатско решение за кризата.
Средбата уследи додека Русија го засилува своето воено присуство во близина на границата со Украина, која кажа дека таму се распоредени 90.000 руски војници. Москва демантира дека се подготвува да ја нападне Украина и ја обвини дека провоцира воен конфликт. Русија денеска кажа дека уапсила тројца украински разузнавачи, при што обвини еден од нив за планирање терористички напад.
Лавров и Блинкен се согласиле да го продолжат дијалогот за Украина.
„Како што кажа и претседателот Путин, ние не сакаме никаков конфликт. Истовремено, воената инфраструктура на НАТО неодговорно е доближена до руските граници во Романија и Полска, вклучувајќи системи за противракетна одбрана. Американските проектили со среден домет се враќаат во Европа, што го враќа кошмарот на воен судир“, изјави Лавров.
Кремљ вчера кажа дека можноста за нов конфликт во источна Украина останува многу висок и дека е загрижен за агресивната реторика на Киев.