Русија кажа дека ноќеска ракетирала воена цел на периферијата на Киев и вети уште напади на главниот град како одговор на украинските напади на руската територија. Министерството за одбрана истовремено соопшти дека руските сили презеле целосна контрола врз челичарницата „Илич“ во Мариупол.
Експлозиите што ноќеска се слушнале во Киев се најмоќните од повлекувањето на руските сили од околината на градот. Русија кажа дека е погодена фабриката „Визар“, каде што наводно се произведуваат и поправаат проектили.
„Бројот и обемот на ракетните напади на Киев ќе се зголемат како одговор на каков било терористички напад или чин на саботажа на руската територија од страна на националистичкиот режим во Киев“, соопшти руското министерство за одбрана.
Оттаму додаваат дека руските сили собориле украински хеликоптер кој го нападнал руското село Климово на 14 април.
„Уништена е и група од 30-ина полски платеници“, вели Москва.