Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека крајната цел на Москва е да ја ослободи Украина од нејзиниот сегашен „неприфатлив режим“. Зборувајќи на самитот на Арапската лига во Каиро, Лавров ги обвини Киев и неговите западни сојузници дека шират пропаганда која треба да обезбеди Украина да стане вечниот непријател на Русија.
„Ние сме посветени да им помогнеме на луѓето во источна Украина да се ослободат од овој апсолутно неприфатлив режим. Ќе му помогнеме на украинскиот народ да се ослободи од овој режим, кој е целосно противчовечки и противисториски“, кажа Лавров.
Минатата недела, тој кажа дека Русија планира да освои територии и надвор од источниот регион Донбас, првенствено на југот, каде што се наоѓаат Херсон и Запорожје.
Во почетокот на војната пред пет месеци, Русија тврдеше дека нема намера да ја собори владата на Володимир Зеленски, иако руските трупи дојдоа блиску до Киев.