Русија се обидува да ги истера украинските сили од Курск со десетици илјади војници во обид да ја поврати територијата што ја изгуби летово, изјави главниот заповедник на украинската војска Олександр Сирски.
„Њујорк тајмс“ претходно објави дека Русија ќе тргне во офанзива во овој пограничен регион со 50.000 војници, што ги вклучува и засилувањата од Северна Кореја.
„Руските сили се обидуваат да ги изместат нашите трупи и да напредуваат длабоко во територијата што ја контролираме“, кажа Сирски, не спомнувајќи ги севернокорејските војници.
Украина изврши изненадувачки упад во Курск во август, заземајќи значајна територија. Киев се надеваше дека на овој начин ќе го успори напредувањето на Русија во источна Украина, но тоа не се случи.
„Операцијата во Курск сè уште успешно ги пренасочува руските сили од посилните напади на источниот фронт. Овие десетици илјади непријатели од најдобрите руски ударни единици сега би напаѓале кон Покровск, Курахив или Торецк, што значително би ја влошило ситуацијата на фронтот“, рече Сирски.
Повикувајќи се на американски проценки, „Њујорк тајмс“ објави дека Русија трупа војници во Курск без да повлекува трупи од источна Украина.