Русија соопшти дека нејзината вакцина против ковид-19 обезбедува заштита од 95%, што ја става на исто ниво со оние на „Модерна“ и „Фајзер“. Руски официјални лица исто така тврдат дека вакцината има поголема ефективност од онаа на Оксфорд и понудија да ја споделат руската технологија со британските научници.
„‘Спутник‘ покажа многу висока ефективност, повисока од 95%. Ова се силно позитивни вести не само за Русија, туку и за целиот свет“, изјави Кирил Дмитриев, шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции, кој раководи со развојот на вакцината.
Во истражувањето кое траело 42 дена, 19.000 волонтери примиле две дози од вакцината, а 21.000 една доза.
Иако голем број држави имаат пројавено интерес за руската вакцина, во Европската Унија единствено Унгарија најави дека ќе ја увезе.
Високи руски функционери, меѓу кои и Дмитриев, тврдат дека веќе ја примиле вакцината и дека се чувствуваат добро. Кремљ соопшти дека Владимир Путин не ја примил.
„Сепак, претседателот не може да прими несертифицирана вакцина“, кажа портпаролот Дмитри Песков.