Џо Бајден ја обвини Русија за кршење на меѓународното право и ја предупреди дека ќе плати висока цена ако продолжи со агресијата на Украина, вклучувајќи го блокирањето на гасоводот Северен тек 2.
„Кој му даде право на Путин да прогласува нови држави на територијата што им припаѓа на неговите соседи? Тој синоќа објави дека ќе отсече дел од Украина и најави дека е подготвен со сила да одземе уште територии. Тоа е почеток на инвазија“, кажа Бајден и ги најави првите санкции за Русија.
„Ќе ја отсечеме руската влада од западните финансии. Таа веќе нема да добива пари од западот. САД ќе продолжат со ескалација на санкциите ако Русија ги заостри своите акции во Украина“.
Тој најави санкции и за руски олигарси и две големи банки, ВЕБ и Руската воена банка и дека делови од руската економија ќе бидат отсечени од меѓународните финансиски системи.
„Путин го нападна правото на Украина на постоење. САД и нашите сојузници и партнери сме обединети во поддршката на Украина и во противењето на руската агресија“, кажа Бајден и додаде дека нема намера да војува со Русија.
И членките на ЕУ едногласно го усвоија првичниот пакет санкции за Русија.
„Санкциите ќе ја повредат Русија, и тоа многу“, изјави еврокомесарот за надворешна политика Хосеп Борел.
Брисел прецизираше дека санкциите ќе ги погодат 351 пратеник од долниот дом на рускиот парламент и други поединци и организации кои го поддржаа признавањето на независноста на Доњецк и Луганск и играа улога во поткопувањето на суверенитетот на Украина. Борел додаде дека санкциите ќе го ограничат пристапот на Русија кон финансиските пазари на ЕУ.
„Оваа приказна не е завршена“, кажа Борел.
Непосредно пред тоа, рускиот парламент го одобри барањето на Путин да ја користи воената сила надвор од Русија, при што тој кажа дека мировниот договор од Минск, со кој се одржуваше кревко примирје во источна Украина, веќе не постои.
Како услови за решавање на кризата, Путин ја повика Украина да се откаже од аспирациите за членство во НАТО, да го признае рускиот суверенитет врз Крим и делумно да се демилитаризира.