РУСИЈА ВЕЛИ ДЕКА 2.000 УКРАИНСКИ БОРЦИ СЕ БЛОКИРАНИ ВО „АЗОВСТАЛ“, ЦЕЛТА НА ПУТИН Е ДА ГИ ИЗГЛАДНИ

    РУСИЈА ВЕЛИ ДЕКА 2.000 УКРАИНСКИ БОРЦИ СЕ БЛОКИРАНИ ВО „АЗОВСТАЛ“, ЦЕЛТА НА ПУТИН Е ДА ГИ ИЗГЛАДНИПутин донесе одлука за блокада на „Азовстал“ откако го прогласи градот за ослободен (Фото: АФП)

    Владимир Путин денеска ѝ нареди на руската војска да запре со нападите на челичарницата „Азовстал“, каде што се утврдени преостанатите бранители на Мариупол. Нивната точна бројка не е позната, додека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу кажа дека ги има околу 2.000. По речиси два месеца борби за Мариупол, Путин заклучи дека нема потреба од упаѓање во катакомбите и подземните тунели на огромниот индустриски комплекс.

    Простирајќи се на површина од десет квадратни километри, „Азовстал“ стана последниот бастион на украинските борци во Мариупол. Дел од нив се припадници на 36. поморска бригада, чиј командир Серхиј Вољна вчера кажа дека нема да се предадат. Неодамна заробените двајца британски државјани беа членови на оваа бригада.

    Другата единица во челичарницата е Азовски баталјон, милиција поврзана со крајнодесничарските националисти, која подоцна беше вклучена во Националната гарда на Украина. Нивниот број се проценуваше на 900. Маринците се споија со Азов минатата недела.

    Путин донесе одлука за блокада на „Азовстал“ откако Русија го прогласи градот за ослободен. Во услови кога залихите им се при крај, аналитичарите велат дека целта на Москва е да ги изгладни украинските борци и да ги принуди на предавање или на очајнички пробив.

    Крајот на борбите во Мариупол ќе ѝ овозможи на Русија да пренасочи дел од трупите на офанзивата во Донбас, регион чие целосно ослободување е главната цел на „специјалната воена операција“ на Путин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира