РУСИЈА ВЕЛИ ДЕКА ГИ УПЛАТИЛА КАМАТИТЕ ЗА НАДВОРЕШНИОТ ДОЛГ

    РУСИЈА ВЕЛИ ДЕКА ГИ УПЛАТИЛА КАМАТИТЕ ЗА НАДВОРЕШНИОТ ДОЛГПлаќањата на каматите, во вкупна вредност од 650 милиони американски долари, се направени во долари. (Фото: Гети)

    Русија вели дека ги извршила задоцнетите плаќања на својот надворешен долг, со што ќе го спречи можното неплаќање следната недела. Плаќањата на каматите, во вкупна вредност од 650 милиони американски долари, се направени во долари, се вели во соопштението. Вчера, шефицата на руската централна банка Елвира Набиулина изјави дека „не може да се зборува за неисполнување на обврските“, но призна дека има „тешкотии со плаќањата“.

    Стана сè понеизвесно дали Москва ќе може да ги исполни своите обврски додека се наближуваше крајниот рок до 4 мај. Плаќањата на меѓународните обврзници на земјата од 40 милијарди долари мора да се вршат во првично наведената валута. Но, Русија го загуби пристапот до голем дел од своите резерви кои се чуваат во странски банки, поради санкциите наметнати од Западот и сојузниците по руската инвазија на Украина.

    Претходно овој месец, Москва предложи исполнување на своите обврски во врска со овие конкретни обврзници во рубли, предлог што беше одбиен од Мудис и други агенции за кредитен рејтинг. Агенциите за кредитен рејтинг рекоа дека плаќањето во што било друго освен во долари би претставувало неисполнување на обврските, што би имало значителни импликации за руската економија, вклучително и можноста за позајмици во иднина.

    Русија последен пат не плати долг во рубли во 1998 година, кога земјата минуваше низ финансиска криза. Во 1918 година, по болшевичката револуција, таа не го исполни својот долг во странска валута. Во тоа време, револуционерниот водач Владимир Ленин одби да ги признае должничките обврски наследени од царскиот режим.

    Грејс-периодот од 30 дена, по првичниот неуспех на Русија да изврши исплати за двете предметни обврзници, треба да истече на 4 мај, до кога инвеститорите мора да ги имаат добиено парите што им се должат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира