Руската вакцина „спутник“ обезбедува 92-процентна заштита од ковид-19, покажуваат резултатите од тестирањата. Ова го објави Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), кој ги поддржува развојот и глобалната дистрибуција на вакцината.
Ова е само втора вакцина за која се објавуваат првични резултати од завршната фаза на тестирањето, по онаа на „Фајзер“ и „БиоНТек“, додека Русија се обидува да го одржи темпото со западните фармацевтски гиганти во напорите да се стави крај на пандемијата на коронавирусот. Резултатите се базираат на податоците од првите 16.000 учесници во тестирањето кои добиле две дози од вакцината.
„Податоците покажуваат дека имаме многу делотворна вакцина. Ова е една од оние приказни што луѓето вклучени во развојот на вакцината еден ден ќе им ја раскажуваат на своите внуци“, изјави шефот на РДИФ, Кирил Дмитриев.
Оттаму додаваат дека тестирањата ќе продолжат уште шест месеци.