Се стравува дека десетици луѓе загинале откако Русите бомбардираа училиште во селото Билохоривка во источна Украина. Регионалниот гувернер на Луганск, Серхиј Гајдај, кажа дека досега е потврдено дека загинале две лица, но очекува бројката да биде многу поголема зашто 60 луѓе се водат како исчезнати.
„Руски авион вчера фрли бомба на училиштето во кое се криеле околу 90 цивили, предизвикувајќи пожар кој ја зафати целата зграда. Триесет луѓе се спасени“, изјави Гајдај.
Тој додаде дека пожарот бил изгаснат по речиси четири часа, по што биле пронајдени две тела во урнатините.
„Шеесет луѓе веројатно загинале под урнатините. Речиси целото село се криело во подрумот на училиштето“, кажа Гајдај.
Билохоривка се наоѓа во близина на Северодоњецк, во чии предградија вчера се воделе жестоки борби.