Руските сили овој месец напредувале во Украина со најбрзото темпо од почетокот на војната, велат анализи и воени блогери.
Според некои руски и западни функционери, војната влегува во својата најопасна фаза, откако САД и сојузниците ѝ дозволија на Украина да ја напаѓа Русија со проектили со долг дострел.
„Русија има поставено неделен и месечен рекорд во големината на окупирана територија во Украина. Руската војска окупирала речиси 235 квадратни километри минатата недела, што е неделен рекорд во 2024“, вели извештај на независната руска медиумска група „Агентство“.
Во ноември, руските сили зазеле површина од 600 квадратни километри, според податоците на „ДипСтејт“, група со тесни врски со украинската војска која проучува снимки од фронтот.
Русија започнала побрзо да напредува во источна Украина во јули, паралелно со упадот на украинските сили во Курск и во меѓувреме, напредувањето уште повеќе се забрзало. Руските сили навлегуваат во градот Курахове, кој стои на патот кон логистичкиот центар Покровск.