Руските трупи полека напредуваат кон центарот на Северодоњецк, клучниот град во источниот регион Луганск, изјави гувернерот Серхиј Гајдај, додавајќи дека повлекувањето на украинската војска е можно.
„Ситуацијата во Северодоњецк е крајно сложена. Целиот регион е изложен на постојани бомбардирања со сите расположиви средства. Главниот напор на Русите е насочен кон целосната контрола врз градот. Ситуацијата останува многу тешка“, изјави Гајдај.
Русија тврди дека контролира третина од градот, но и признава дека нападот трае подолго од очекувањата.
„Можеме да кажеме дека веќе контролираме третина од градот. Борбите се одвиваат низ целиот град, но не напредуваме онака брзо како што се надевавме. Сепак сакаме да ја зачуваме инфраструктурата во градот“, изјави Леонид Пасечник, шефот на Народната Република Луганск.
И Гајдај кажа дека делови од Северодоњецк се под контрола на Русите, но не и целиот град.
„Нашите момци и натаму се таму и се борат, па Русите не напредуваат така слободно. Мислам дека не постои ризик од опколување на Северодоњецк, има можност за повлекување на украинските трупи преку реката кон Лисичанск“, кажа Гајдај.