Аеродромот „Свети Јероним“ во Сплит синоќа беше мета на голем хакерски напад, при што беше урната неговата интернет страница и дојде до откажување и доцнење на летовите. Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ денеска изјави дека станува збор за класичен случај на рансомвер, кога се бара откуп за отклучување на податоците. Тој кажа дека нападот го извела меѓународна група од евроазиското подрачје.
Владата и директорот на аеродромот Лукша Новак кажаа дека нема да се преговара со напаѓачите, туку целиот систем ќе се изгради одново од нула.
Хрватските медиуми објавија дека одговорноста за нападот ја презела руската хакерска група „Акира“, која се појавила во март 2023 и набргу станала значајна закана за светската кибернетичка безбедност.
„За само неколку месеци, ‘Акира‘ собрала откуп од 42 милиони долари од повеќе од 250 жртви во САД, Европа и Австралија. Нејзината тактика на двојна уцена, која се состои од кражба на податоци и криптирање на системот, предизвика хаос во бројни организации“, изјави Томислав Ваздар, хрватски експерт за безбедност на информациските системи.
Како последица на колапсот, системот на сплитскиот аеродром и натаму не е ставен под контрола и директорот Новак кажа дека не знае кога ќе се случи тоа, ниту засега може да се процени штетата.