Украинската војска најави можен пресврт во борбите за Бахмут откако објави дека руските сили во некои делови се повлекле и за два километра како резултат на контранападите. Ова следува ден откако Украинците ги потврдија изјавите на шефот на „Вагнер“, Евгени Пригожин, дека една руска бригада избегала и ги напуштила своите позиции на југозападната периферија на градот.
Платениците на „Вагнер“ ја предводат повеќемесечната опсада на Бахмут и притоа трпат големи загуби, но Украина вели дека руската офанзива е во застој. Кремљ призна дека „специјалната воена операција“ се одвива тешко.
„Специјалната воена операција продолжува. Ова е многу тешка операција, се разбира, но одредени цели се остварени за една година. Успеавме доста да ја ослабнеме украинската воена машина. Нашата работа продолжува“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, за една босанска телевизија.
Тој додаде дека Бахмут ќе биде освоен и ќе го задржат под контрола.
„Руската кампања во источна Украина се одвива бавно зашто Русија не води војна. Водење војна е нешто сосема различно. Тоа значи комплетно уништување инфраструктура и градови. Ние не го правиме тоа. Ние се обидуваме да ги зачуваме инфраструктурата и човечките животи“, кажа Песков.
Тој не ги коментираше наводите дека руската 72. моторизирана бригада ги напуштила своите позиции околу Бахмут. Руска бригада вообичаено се состои од неколку илјади војници.