Проруските власти во окупираниот регион Херсон изјавија дека руските сили веројатно ќе се повлечат од западниот брег на Днепар, од каде што во изминатите недели се евакуираа цивили.
„Нашите единици, нашите војници, веројатно ќе се префрлат на левиот брег на Днепар“, изјави заменик-шефот на проруската управа на Херсон, Кирил Стремусов.
Херсон е единствениот регионален главен град во Украина што беше освоен од Русите и се наоѓа на десниот брег на Днепар. Украинците ги бомбардираа и оштетија сите клучни премини преку реката, поради што постоеше опасност руските сили да останат отсечени.
Стремусов ги повика и преостанатите жители да го напуштат Херсон, откако десетици илјади луѓе во изминатите недели беа превезени преку реката со траекти, што Киев го опиша како присилна депортација.
Украинската војска неодамна кажа дека нема докази дека руските сили се повлекуваат, туку, напротив, ги зацврстуваат своите позиции и се подготвуваат за одбрана на градот.