РУСКИ ХАКЕРИ НАПАЃААТ ОРГАНИЗАЦИИ КОИ РАЗВИВААТ ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19

    РУСКИ ХАКЕРИ НАПАЃААТ ОРГАНИЗАЦИИ КОИ РАЗВИВААТ ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19Зад нападите наводно стои хакерската група АПТ29, попозната како Крејзи бер, која е дел од руската разузнавачка служба (Фото: АП)

    Руски шпиони се обидуваат да направат упад во американски, канадски и британски организации кои развиваат вакцина против ковид-19, предупредија безбедносни служби.

    Националниот центар за сајбербезбедност на Велика Британија кажа дека хакерите речиси сигурно оперирале како дел од руските разузнавачки служби, не прецизирајќи кои организации биле цел и дали нешто е украдено. Сепак, истражувањата за вакцини не биле нарушени од хакерите.

    „Тотално е неприфатливо руските разузнавачки служби да ги напаѓаат оние кои се борат против пандемијата на коронавирусот. Додека некои себично бркаат свои интереси, Велика Британија и нејзини сојузници работат напорно за да пронајдат вакцина и да го заштитат светското здравје“, изјави британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб.

    Русија негираше вмешаност во овие напади.

    „Немаме информации за тоа кој би можел да ги нападне фармацевтските компании и истражувачките центри во Велика Британија. Русија нема ништо со тие обиди“, кажа портпаролот на Владимир Путин, Дмитри Песков.

    Експертите кажаа дека се веродостојни информациите дека зад нападите стои хакерската група АПТ29, попозната како Крејзи бер, која наводно е дел од руската разузнавачка служба. Британските, американските и канадските агенции велат дека хакерите искористиле софтверски слабости за да влезат во ранливи компјутерски системи и потоа со помош на малвер ги собирале податоците.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира