Руски патнички авион на компанијата „Аерофлот“ присилно се спушти на московскиот аеродром откако од непознати причини се запалил во лет.
Најмалку пет патници се повредени, а новинската агенција „Тасс“ објави дека едно лице починало, што засега не е официјално потврдено.
Авионот од типот „сухој суперџет-100“, во кој имало 78 патници и членови на екипажот, требаше да лета за Мурманск, но набргу по полетувањето од аеродромот „Шереметјево“ испратил сигнал за тревога, по што итно се спуштил.
Според податоците од сајтот за следење летови „Флајтрадар24“, вонредното слетување се случило 30-ина минути по полетувањето.
Видеоснимките објавени на социјалните мрежи покажуваат патници како излегуваат низ излезите за итни случаи и потоа бегаат од запалениот авион.