Шефот на полската војска кажа дека руски проектил влегол во Полска на речиси три минути, пред да сврти кон украинскиот воздушен простор. Генералот Вјеслав Кукула изјави дека еден од проектилите лансирани од Русија вчера патувал 40-ина километри низ полскиот воздушен простор.
Тревогата се совпадна со она што Украина го нарече најголемиот руски ракетен напад од почетокот на војната. Полскиот претседател Анджеј Дуда свика состанок на националниот совет за безбедност откако проектилот бил детектиран од радар. Нема извештаи дека се случила експлозија.
Портпаролот на полската војска Јацек Горишевски изјави дека неидентификуван предмет влегол во земјата од Украина кај пограничниот град Замоск во југоисточниот регион Лублин. Тој додаде дека тоа можеби има врска со големиот руски воздушен напад на Украина. Најмалку 30 луѓе загинаа во вчерашните напади на Украина, кога цел беше и Лвов, најблискиот украински град до Лублин.
Полската влада не ја исклучи можноста дека станува збор за руска провокација.
„Треба да испитаме дали ова беше провокација или тест на нашата реакција“, изјави полскиот заменик-министер за одбрана Станислав Вжјатек.
Од почетокот на руската инвазија, три странски проектили влегле во Полска, а во најтешкиот инцидент во ноември 2022 загинаа двајца полски фармери кога проектил падна во село близу украинската граница. Се верува дека тоа бил залутан проектил од украинската противвоздушна одбрана.