Украинскиот претседател Володимир Зеленски кажа дека повлекувањето на руските трупи од северот на земјата е „бавно, но забележливо“, во денешното видеообраќање.
Но, Зеленски ги предупреди Украинците дека ги очекуваат тешки битки на истокот од земјата, околу Донбас и Харкив. Тој кажа дека воената состојба на истокот останува екстремно тешка, бидејќи руските сили се подготвуваат за нови моќни удари во тие региони.
„Нè очекуваат тешки битки. Не смееме да мислиме дека веќе сме ги поминале сите тестови“, кажа Зеленски.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст денеска ќе направи уште еден обид за евакуација на цивилите од опколениот Мариупол, откако не успеа вчера. Претседателот Зеленски кажа дека сепак 3.000 цивили успеале да го напуштат градот на југоистокот на Украина.
Денеска е 38. ден од руската инвазија на Украина.