РУСКИТЕ СИЛИ СЕ УТВРДУВААТ НА КРИМ ПРЕД ОЧЕКУВАНИОТ УКРАИНСКИ НАПАД, ВО ЗАПОРОЖЈЕ ИСКОПАН 70-КИЛОМЕТАРСКИ РОВ

    РУСКИТЕ СИЛИ СЕ УТВРДУВААТ НА КРИМ ПРЕД ОЧЕКУВАНИОТ УКРАИНСКИ НАПАД, ВО ЗАПОРОЖЈЕ ИСКОПАН 70-КИЛОМЕТАРСКИ РОВСателитските снимки на компанијата „Максар“ покажуваат сложена мрежа на ровови на Крим (Фото: АП)

    Прорускиот лидер на Крим, Сергеј Аксјонов, изјави дека регионот се подготвува за очекуваната украинска пролетна противофанзива. Тој кажа дека руските сили имаат изградено модерни, длабински одбранбени линии и располагаат со доволно војници и опрема за да одбијат можен украински напад.

    Не смееме да го потцениме непријателот, но дефинитивно може да кажеме дека сме подготвени за напад и дека нема да има катастрофа“, изјави Аксјонов.

    Тој го најави почетокот на работите на утврдувањето во ноември, без да изнесе детали, а на состанокот со Владимир Путин во февруари кажа дека сè треба да биде завршено до април.

    Сателитските снимки на компанијата „Максар“ покажуваат сложена мрежа на ровови и други утврдувања кај Медведивка, гратче близу границата меѓу Крим и внатрешноста на Украина.

    Воените аналитичари сметаат дека Украина сака да ги искористи поволните временски прилики за да преземе иницијатива на бојното поле со помош на новите пратки на западното оружје. Се проценува дека украинските сили ќе се обидат да се пробијат преку копнениот коридор меѓу Русија и Крим, движејќи се од Запорожје кон Мелитопол и Азовско Море, што би ги поделило руските сили на два дела.

    Сателитските снимки до кои што дојде украинскиот Центар за истражувачко новинарство покажуваат дека руските сили имаат ископано 70-километарски непрекинат ров во регионот Запорожје. Почнувајќи девет километри од Мелитопол, ровот се наоѓа зад сегашната линија на фронтот и се протега на една третина од широчината на целиот регион.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира