САД ги купија речиси сите светски залихи на ремдесивир, еден од двата лека кои се покажаа ефикасни против ковид-19, оставајќи им ништо на Европа и остатокот од светот во наредните три месеци. Лекот што го произведува фирмата „Гилеад сајенсис“ е прв што американските власти го одобрија дека може да се користи во лекувањето на ковид-19. Истражувањата покажаа дека овој лек го забрзува заздравувањето за четири дена, но нема докази дека може да спаси повеќе животи.
Администрацијата на Трамп објави дека постигнала договор со „Гилеад“ за купување на 500.000 дози од лекот, што претставува 100% од производството за јули, односно 90% за август и септември.
„Претседателот Трамп постигна неверојатен договор за на сите Американци да им се обезбеди пристап до првиот авторизиран лек против ковид-19. Сакаме да го осигураме овој лек за секој американски пациент на кој му е потребен“, изјави Алекс Азар, американскиот секретар за здравство и човечки услуги.
„Гилеад“ го има патентот за овој лек кој бил развиен за лекување на ебола, но се покажал неуспешен. Лекувањето со шест дози чини околу 3.200 долари.
САД се водечка светска земја според бројот на заразени со коронавирус и минатата недела беше постигнат нов рекорд од 45.000 нови случаи.
„Одиме во погрешна насока. Нема да бидам изненаден доколку наскоро имаме и 100.000 новозаразени на ден“, изјави водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи.