САД ги укинаа санкциите за Антал Роган, близок соработник на унгарскиот премиер Виктор Орбан и долгогодишен шеф на неговиот кабинет. Државниот секретар на САД Марко Рубио вчера разговарал со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, при што го известил за одлуката.
Портпаролката на Стејт департментот Тами Брус кажа дека ваквата казнена мерка не беше во согласност со интересите на американската надворешна политика.
Министерството за финансии на САД во јануари воведе санкции за Антал Роган поради вмешаност во корупција. Тогашната американска влада го обвини Роган дека ја користел својата функција за да поттикне системска корупција, од што полза имале тој и други лојалисти на Орбан. Роган беше единствениот унгарски граѓанин на американската листа за санкции.
Сијарто тогаш ги опиша санкциите како лична одмазда на американскиот амбасадор на заминување.
„По 20 јануари, САД ќе имаат нова влада и нов претседател и ќе ги преземеме потребните законски чекори по нивната инаугурација“, кажаа од канцеларијата на Роган по изрекувањето на санкциите.
Орбан и неговата партија Фидес се меѓу најголемите поддржувачи на Доналд Трамп во Европа.