САД ја условуваат својата понуда за безбедносни гаранции за Украина со тоа што Киев ќе ѝ го отстапи на Русија целиот источен регион Донбас, изјави претседателот Володимир Зеленски во интервју за „Ројтерс“.
„Со оглед на тоа што САД се фокусирани на конфликтот со Иран, претседателот Трамп врши притисок врз Украина во обид да стави брз крај на четиригодишната војна предизвикана од инвазијата на Русија. Блискиот Исток дефинитивно има влијание врз Трамп, а мислам и врз неговите следни чекори. Претседателот Трамп, за жал, сè уште избира стратегија за поголем притисок врз украинската страна“, изјави Зеленски.
САД, Русија и Украина одржаа три рунди разговори на високо ниво во Абу Даби и Женева оваа година, но без конкретен резултат. Зеленски постојано повторува дека се потребни цврсти безбедносни гаранции од меѓународните партнери за да се осигури дека Русија нема да ја обнови војната во иднина откако ќе се постигне каков било мировен договор.
„Американците се подготвени да ги финализираат овие гаранции откако Украина ќе биде подготвена да се повлече од Донбас“, рече Зеленски.
Владимир Путин инсистира дека контролата врз целиот Донбас е суштински елемент на неговите воени цели, додавајќи дека Москва ќе ги постигне на бојното поле ако не може на преговарачка маса. И по повеќе од четири години војна, Украина и натаму контролира дел од Донбас. Зеленски предупреди дека повлекувањето би ја загрозило безбедноста и на Украина и на Европа, со тоа што силните одбранбени позиции во регионот ќе ѝ се препуштат на Русија.
„Многу би сакал американската страна да разбере дека источниот дел од нашата земја е дел од нашите безбедносни гаранции“, рече Зеленски.
Во јануари, тој кажа дека безбедносните гаранции се 100% подготвени и чекаат да бидат потпишани, но по последните разговори САД-Украина во Мајами призна дека има уште работа што треба да се заврши.



