САД денеска ги воведоа санкциите за Српската нафтена индустрија (НИС), објави компанијата, што би можело да ги загрози нејзините напори за обезбедување нафта и гас на подолг рок. Србија не успеа да добие уште едно одложување на санкциите, кои беа воведени на 10 јуни поради мнозинското руско сопствеништво во НИС.
Србија речиси целосно зависи од руските испораки на гас и нафта, кои ги добива главно преку цевководи во Хрватска и други соседни држави. Потоа гасот го дистрибуира НИС, која е во мнозинска сопственост на рускиот државен нафтен монопол „Газпром Нефт“, кој е сопственик и на единствената рафинерија за нафта во Србија.
НИС објави дека има складирано доволно залихи за да ги задоволи потребите на корисниците подолго време, без да изнесе детали. Од компанијата додаваат дека можат да се појават проблеми на нејзините бензински пумпи при плаќање со картички на странски банки, но ќе се прифаќаат плаќања во готово.
„Ова е нешто што ќе ги погоди сите граѓани, но не треба да паничат. Резервите ни се полни. Сите складишта се преполни. Државата гарантира дека нема да има проблеми со горивото до крајот на годината. Проблеми со превозот ќе се појават ако почнеме да увезуваме деривати“, кажа српскиот претседател Александар Вучиќ.
Хрватскиот министер за економија Анте Шушњар кажа дека Хрватска е спремна да ја купи НИС ако тоа е решение.
„Ние сме спремни за таа опција, ако тоа го реши проблемот. На тој начин ќе се обезбеди континуитетот на Јадранскиот нафтовод, кој веќе 40 години е тесно поврзан со НИС, без претензии да се завладее со малопродажниот пазар во Србија“, изјави Шушњар.
Вучиќ претходно предупреди дека Србија ја чекаат тешки времиња и тешка зима, но ќе дадат сѐ од себе граѓаните да имаат топли домови и гориво за автомобилите.