САД ГО ОДБИЈА ПРЕДЛОГОТ НА ПОЛСКА ЗА ПРЕФРЛАЊЕ НА НЕЈЗИНИТЕ АВИОНИ „МИГ-29“ ВО УКРАИНА

    САД ГО ОДБИЈА ПРЕДЛОГОТ НА ПОЛСКА ЗА ПРЕФРЛАЊЕ НА НЕЈЗИНИТЕ АВИОНИ „МИГ-29“ ВО УКРАИНАСАД ја опишаа понудата на Полска како загрижувачка и нерационална (Фото: АП)

    САД го одбија предлогот на Полска за испраќање на нејзините борбени авиони „миг-29“ во Украина преку американска база во Германија, велејќи дека ова предизвикало сериозна загриженост за целата НАТО алијанса.

    Полската влада вчера ја испратила изненадувачката понуда, по постојаните повици на украинскиот претседател Зеленски да се затвори небото над Украина или на земјата да ѝ се испратат борбени авиони. Полска предложила нејзините стари руски авиони да бидат префрлени во американската база во Рамштајн, а оттаму во Украина.

    „Можноста авиони да полетуваат од база на САД и НАТО кон воздушниот простор на Украина оспорен од Русија предизвикува сериозна загриженост за целата алијанса. Ќе продолжиме да се консултираме со Полска и останатите сојузници по ова прашање, но не веруваме дека полскиот предлог е одржлив и рационален“, кажа портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.

    Украина успеа да зачува значаен дел од своите воздушни сили од почетокот на руската инвазија пред 14 дена, кои се состојат од авиони од советско производство „миг 29“, „сухој 27“ и „сухој 25“ и тоа се единствените авиони што украинските воени пилоти можат веднаш да ги летаат без дополнителен тренинг.

    Русија предупреди дека поддржувањето на украинските воздушни сили ќе се смета за учество во конфликтот и отвора можност за одмазда.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира