САД И ЕУ МУ СЕ ЗАКАНИЈА НА КОСОВО СО ПОСЛЕДИЦИ АКО НЕ ГИ СМИРИ ТЕНЗИИТЕ СО СРБИТЕ

    САД И ЕУ МУ СЕ ЗАКАНИЈА НА КОСОВО СО ПОСЛЕДИЦИ АКО НЕ ГИ СМИРИ ТЕНЗИИТЕ СО СРБИТЕВо насилствата кои избија минатата недела беа повредени и десетици мировници од КФОР (Фото: Ѓ. Личовски)

    САД и Европската Унија му порачаа на Косово да отстапи во тензичниот ќор-сокак со Србите на северот на земјата или би можел да се соочи со последици од своите западни сојузници. Предупредувањата уследија откако високи претставници на САД и ЕУ ја завршија посетата на Косово и Србија, која имаше за цел да се смират тензиите кои прераснаа во насилства минатата недела, при што беа повредени десетици мировници од КФОР.

    Насилството изби откако косовските власти им наредија на новоизбраните албански градоначалници да ја преземат должноста во четирите општини со мнозинско српско население. Тие беа избрани на изборите на кои излезноста беше само 3,5%, откако Србите ги бојкотираа. Приштина навестува дека е подготвена да распише нови избори на северот.

    Американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кажа дека Косово мора да им даде поголема автономија на српските општини ако сака повеќе да се приближи кон НАТО и ЕУ.

    „Преземените или непреземените акции би можеле да имаат одредени последици кои би влијаеле врз некои делови од односите помеѓу Косово и САД. Не би сакал да дојдеме дотаму“, кажа Ескобар.

    Тој и високиот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак не кажаа за какви последици станува збор.

    „Мислам дека вакви работи не се решаваат со правење притисок или со спомнување последици и санкции. Имаме предизвици, но нашите односи со САД и ЕУ се одлични“, изјави косовскиот премиер Албин Курти.

    САД и ЕУ го повикаа Курти да ги повлече градоначалниците од општинските згради во северно Косово и специјалната полиција која помогна тие да влезат во нив. Тие исто така побараа одржување нови избори со учество на Србите.

    НАТО има околу 4.000 војници во Косово, а по последните нереди беа распоредени уште 700.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира