САД И ЕВРОПА СЕ ПОВРЗАНИ, НО ПАРТНЕРСТВОТО МОРА ДА СЕ ПРЕИСПИТА, РЕЧЕ РУБИО ВО МИНХЕН

    САД И ЕВРОПА СЕ ПОВРЗАНИ, НО ПАРТНЕРСТВОТО МОРА ДА СЕ ПРЕИСПИТА, РЕЧЕ РУБИО ВО МИНХЕНОпишувајќи ја Европа како најблизок и најдолготраен сојузник на Вашингтон, Рубио истакна дека односот мора да се приспособи на сè поконкурентна и поопасна глобална средина. (Фото: ДПА )

    Американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека судбините на САД и Европа се „поврзани“, во говорот на тридневната Минхенска безбедносна конференција, предупредувајќи дека партнерството мора да се преиспита и прилагоди.

    „Длабоко се грижиме за вашата иднина и за нашата,“ рече Рубио во своето 20-минутно обраќање, кое внимателно се следеше во Европа поради сигналите за променливиот надворешнополитички курс на Вашингтон под претседателот Доналд Трамп.

    „И ако понекогаш не се согласуваме, нашите несогласувања произлегуваат од нашето длабоко чувство на загриженост за Европа со која сме поврзани, не само економски, не само воено. Поврзани сме духовно и културно“, додаде Рубио.

    Оттргнувајќи се од конфронтирачкиот стил што го употреби американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс во својот контроверзен говор на конференцијата во 2025,  Рубио користеше лична и историска рамка, додавајќо дека САД „секогаш ќе бидат дете на Европа“.

    Пораката, иако во одредени моменти критична кон Европа и глобалните институции, беше цврсто прозападна и беше примена со олеснување, при што публиката го прекинуваше Рубио со аплауз.

    „Сакаме Европа да биде силна. Веруваме дека Европа мора да опстане, бидејќи двете големи војни од минатиот век за нас се постојан потсетник дека нашата судбина е и секогаш ќе биде испреплетена со вашата“, им рече тој на светските лидери, министри, високи воени офицери и креатори на политики.

    Опишувајќи ја Европа како најблизок и најдолготраен сојузник на Вашингтон, Рубио истакна дека односот мора да се приспособи на сè поконкурентна и поопасна глобална средина.

    „Ние во Америка немаме интерес да бидеме учтиви и уредни чувари на управуваниот пад на Западот. Не бараме разделување, туку оживување на старото пријателство и обновување на најголемата цивилизација во човечката историја“ рече Рубио.

    Тој ги критикуваше европските влади за нивните миграциски политики, предупредувајќи дека Западот се „дестабилизира“ од масовната миграција.

    „Масовната миграција не е, ниту некогаш била, маргинална грижа со мало значење. Таа беше и продолжува да биде криза што ги трансформира и дестабилизира општествата низ Западот“ кажа тој.

    Во говорот, Рубио ги критикуваше и Обединетите Нации, дека нема „одговори“ на најголемите светски конфликти.

    Наместо тоа, Рубио му припиша заслуги на претседателот Трамп за неговото лидерство во справувањето со жариштата од Газа до Украина и Венецуела.

    Минатата година, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс ја шокираше публиката со остра критика кон европските лидери, обвинувајќи ги дека ја потиснуваат слободата на говор и ги игнорираат ставовите на десничарските гласачи.

    Таа изјава стана пресвртна точка во трансатлантските односи, забрзувајќи ги повиците Европа да стане помалку зависна од Вашингтон за својата безбедност.

    Во наредните месеци Трамп воведе високи царини за Европа, започна потопли односи со рускиот претседател Владимир Путин и покрена агресивна иницијатива за преземање на Гренланд, што ги доведе трансатлантските односи на ново најниско ниво.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира