САД најавија засилување на нападите врз Иран и Техеран, додека американско-израелската војна против Иран влезе во седмиот ден. Израел кажа дека војната влегува во нова фаза, но Доналд Трамп вели дека нема потреба од испраќање копнени трупи во Иран.
„Количината на огнена моќ против Иран драматично ќе се зголеми. Одлуката на Велика Британија да им дозволи на САД да ја користат воената база на островот Диего Гарсија ќе помогне да се засилат нашите напади“, изјави американскиот министер за одбрана Пит Хегсет.
Израелската војска објави дека и ноќеска ја бомбардирала инфраструктурата на иранскиот режим во Техеран и на Хезболах во Бејрут.
„Првичната фаза на изненадувачки удар вклучуваше воспоставување воздушна супериорност и напаѓање локации со балистички ракети. Ќе има дополнителни изненадувања во следната фаза за понатамошно демонтирање на режимот“, изјави шефот на израелската војска Ејал Замир.
Иранската револуционерна гарда кажа дека наскоро ќе преземе нови иницијативи и ќе употреби нови оружја за да се спротивстави на агресијата од САД и Израел. Иранците ноќеска ја нападнаа американската воена база Ал-Удиед во Катар, а напади имало и врз Саудиска Арабија, Кувајт и Бахреин, каде што биле погодени хотел и две станбени згради, но немало жртви.
„Засега не размислуваме за испраќање трупи во Иран, тоа би било губење време. Иранците изгубија сѐ. Ја изгубија нивната морнарица. Изгубија сѐ што можеше да се изгуби“, кажа Трамп, додавајќи дека сакаат да ја прочистат сегашната иранска раководна структура.
„Сакаме да имаат добар лидер. Има некои луѓе за кои мислиме дека ќе завршат добра работа“.



