САД и официјално го прифатија контроверзниот луксузен авион од Катар наменет за претседателската флота, објави Пентагон, и покрај загриженоста на пратениците и поддржувачите на Доналд Трамп за финансиските и етичките импликации.
„Боинг747“ вреден 400 милиони долари веројатно ќе ги чини даночните обврзници стотици милиони долари со цел да ги исполни претседателските стандарди, вклучително и безбедносна проверка на целиот авион и скапи надградби за да се обезбедат доверливи комуникации.
„Министерот за одбрана Пит Хегсет го прифати авионот во согласност со сите федерални правила и прописи“, рече портпаролот на Пентагон, Шон Парнел.
Авионот ќе биде модифициран за да се претвори во „ер форс уан“, официјалниот начин на воздушен транспорт на претседателот. Белата куќа инсистира дека подарокот од катарското кралско семејство е легален, но неговата објава пред една недела предизвика големи контроверзи.
Се проценува дека ќе бидат потребни години за да се опреми авионот со дополнителни безбедносни системи и надградби потребни за превоз на претседателот, вклучувајќи ја способноста да го издржи електромагнетниот пулс од нуклеарна експлозија и да се полни гориво во лет.
„Тие ни даваат подарок. Би било глупо да го одбиеме“, се правдаше Трамп пред една недела.
Тој тврди дека трансферот на авионот е легален зашто му е даден на министерството за одбрана, а не на него лично и кажа дека нема да го користи по завршувањето на мандатот.