Стејт департмент им нареди на семејствата на вработените во американската амбасада во Киев да ја напуштат Украина поради можна руска инвазија. На несуштинскиот дел од персоналот исто така му е советувано да си замине, како и на сите американски граѓани кои се наоѓаат во Украина.
„Амбасадата ќе остане отворена, но руска инвазија може да се случи во секој момент“, соопшти Стејт департмент.
Вашингтон предупреди да не се патува во Украина и Русија поради постојните тензии во регионот и можноста за вознемирување на американските граѓани.
„Постојат извештаи дека Русија планира значителна воена акција против Украина. Кога ќе дојде до руска инвазија, американската влада нема да биде во можност да ги евакуира американските граѓани со голема брзина“, изјави советник од Стејт департментот.
Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, предупреди дека постои голем ризик од нов конфликт во Европа, откако Русија распореди 100.000 војници покрај границата со Украина. Русија постојано негира дека планира да го нападне својот сосед и ги обвини земјите од НАТО дека ги заоструваат тензиите околу Украина со дезинформации.