Стејт департментот им нареди на одредени американски дипломати и на нивните семејства да ги напуштат дипломатските претставништва во Саудиска Арабија, а планира да ги повлече и членовите на семејствата од голем број други американски мисии во регионот, изјавија американски претставници за „Ројтерс“.
Оваа наредба уследи по последните напади на хутите врз Саудиска Арабија, во кои загинаа три лица, од кои едно на цивилен аеродром во Дамам.
Во последните месеци, Вашингтон врати дел од дипломатскиот персонал во регионот, откако голем број членови беа повлечени поради американско-израелската војна против Иран.
„Хутите, поддржани од Иран, сè почесто преземаат непријателски дејствија против Саудиска Арабија, вклучително и напади врз цивилни аеродроми и друга критична инфраструктура, што резултираше со жртви меѓу цивилното население и со сериозни нарушувања во патувањата. Непријателствата имаат потенцијал брзо да ескалираат“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот.
Најновите повлекувања следат по ескалацијата на борбите во Јемен, каде што се отвори уште еден фронт во регионалниот конфликт предизвикан од американско-израелската војна против Иран. Хутите во неколку наврати го погодија и меѓународниот аеродром во Ријад, при што имаше загинати.



