САД ја надминаа бројката од 100.000 починати од КОВИД-19 за помалку од четири месеци.
Во земјата има и 1,69 милиони потврдени случаи на коронавирус, што е околу 30% од вкупната бројка на светско ниво. Првиот случај на зараза во САД беше регистриран на 21 јануари во сојузната држава Вашингтон.
Според универзитетот Џонс Хопкинс, во САД досега починале 100.276 луѓе од КОВИД-19, што е блиску до бројот на загинати американски војници во војните во Кореја, Виетнам, Ирак и Авганистан. Сепак, поголема смртност по глава на жител имаат дури осум држави, во што Белгија е на прво место.
Дванаесет сојузни држави бележат пораст на бројот на новозаразени, што е карактеристика и на некои големи градски области, како Чикаго, Лос Анџелес и Вашингтон.
Доналд Трамп и натаму тврди дека трагичниот биланс ќе беше 20 пати поголем доколку не беа потезите на неговата администрација. Според студија на универзитетот Колумбија, 36.000 животи можеле да бидат спасени доколку федералната влада побргу реагирала.