Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА) ја одобри за итна употреба вакцината на Фајзер развиена со германскиот партнер Бионтех, за која последните испитувања покажаа дека е 95% ефикасна за спречување на ковид-19.
ФДА соопшти дека вакцината може да се дава на лица на возраст постари од 16 години. Предвидено е во првиот круг од 2,9 милиони дози вакцината први да ја примат здравствените работници и жителите на домовите за стари лица.
Владата на САД соопшти дека ќе започне со дистрибуција на вакцината низ целата земја веднаш по одобрението на ФДА и дека со вакцинација ќе се почне на почетокот на следната недела.
Милиони Американци би можеле да започнат да се вакцинираат овој месец, особено ако брзо се одобри и втора вакцина што ја развива фармацевтската компанија Модерна.
Вакцината на Фајзер и Бионтех за првпат беше одобрена во Велика Британија на почетокот на овој месец и тамошните жители почнаа да се вакцинираат во вторникот. Канада исто така ја одобри вакцината и очекува следната недела да започне со вакцинација.
Мексико и Бахреин исто така ја одобрија вакцината.