САД ЌЕ ГИ БЛОКИРААТ ИРАНСКИТЕ ПРИСТАНИШТА, ЦЕНАТА НА НАФТАТА СКОКНА ЗА 7 ОТСТО

    САД ЌЕ ГИ БЛОКИРААТ ИРАНСКИТЕ ПРИСТАНИШТА, ЦЕНАТА НА НАФТАТА СКОКНА ЗА 7 ОТСТОБродовите што транзитираат низ Ормускиот Теснец до и од неиранските пристаништа нема да бидат попречени, соопшти американската војска. (Фото: АП)

    Американската војска соопшти дека денеска ќе започне блокада на целиот поморски сообраќај што влегува и излегува од иранските пристаништа и крајбрежните области, откако разговорите за време на викендот не успеаја да постигнат договор за прекин на војната со Иран, со што се загрози кревкото двонеделно примирје. Иран предупреди на остар одговор на блокадата, и ги обвинува САД за максимализам во разговорите.

    Цените на суровата нафта скокнаа за повеќе од 7% и достигнаа 100 долари за барел во тргувањето утринава во Азија, додека доларот скокна, а фјучерсите на американските акции паднаа по објавувањето на блокадата.

    Разговорите во Исламабад викендот, кои траеја 21 час, беа првата директна средба меѓу САД и Иран по повеќе од една деценија и дискусии на највисоко ниво од Исламската револуција на Иран во 1979 година. Преговорите следеа неколку дена откако на 7 април започна прекинот на огнот, со цел да се стави крај на шестнеделните борби во кои загинаа илјадници луѓе низ Заливот, се задушија виталните резерви на енергија и се предизвика страв од поширок регионален конфликт.

    Централната команда на САД соопшти дека блокадата, почнувајќи денеска од 15 часот по средноевропско време, ќе биде „спроведена непристрасно против бродови од сите земји што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа и крајбрежните области, вклучувајќи ги сите ирански пристаништа во Арапскиот Залив и Оманскиот Залив“.

    Бродовите што транзитираат низ Ормускиот Теснец до и од неиранските пристаништа нема да бидат попречени, соопшти американската војска. Дополнителни информации ќе им бидат доставени на комерцијалните бродови преку официјално известување пред почетокот на блокадата, соопшти американската војска.

    Претседателот Доналд Трамп вчера изјави дека американските сили, исто така, ќе пресретнат секој брод во меѓународни води што платил патарина на Иран. Тој додаде дека американската морнарица ќе почне да ги уништува минитe што Иранците ги фрлиле во Ормускиот Tеснец, со што се задушуваата околу 20% од глобалните резерви на енергија. Иако податоците за превозот покажаа дека три супертанкери целосно натоварени со нафта поминале низ теснецот во саботата, денеска танкерите се движеле подалеку од овој воден пат, пред блокадата на САД.

    Трамп предупреди дека цените на нафтата и бензинот може да останат високи досреднорочни избори во САД во ноември. Тој рече дека верува оти Иран ќе продолжи да разговара; а Техеран истакна дека сака „избалансиран и фер договор“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира