Доналд Трамп изјави дека ѝ кажал на својата администрација да престане со финансирањето на Светската здравствена организација.
„СЗО потфрли во својата основна должност да одговори на ширењето на коронавирусот“, изјави Трамп.
Тој го обвини телото на Обединетите нации за прикривање на ширењето на вирусот откако се појавил во Кина и за лошо управување со кризата.
„Ѝ наредив на мојата администрација да запре со финансирањето на Светската здравствена организација. Таа потфрли во својата основна задача и затоа мора да понесе одговорност“, кажа Трамп на редовниот дневен брифинг во Белата куќа.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутиереш, кажа дека сега не е време да се кратат средствата на СЗО.
САД се најголемиот поединечен финансиер на СЗО, на чија сметка лани уплатиле 300 милиони долари, што е околу 15% од нејзиниот вкупен буџет.
САД се најпогодената земја од коронавирусот, со повеќе од 600.000 заразени и речиси 26.000 починати.