САД ЌЕ ЈА ЕВАКУИРААТ АМБАСАДАТА ВО КИЕВ ВО ОЧЕКУВАЊЕ НА РУСКА ИНВАЗИЈА

    САД ЌЕ ЈА ЕВАКУИРААТ АМБАСАДАТА ВО КИЕВ ВО ОЧЕКУВАЊЕ НА РУСКА ИНВАЗИЈАКиев вчера доби нова пратка оружје од САД додека сè повеќе држави ги повикуваат своите граѓани веднаш да ја напуштат Украина (Фото: АП)

    САД планираат да ја евакуираат својата амбасада во Киев додека западните разузнавачки служби предупредуваат дека руска инвазија може да се случи во секој момент. Стејт департментот денеска ќе објави дека од речиси целиот американски персонал во амбасадата ќе биде побарано да си замине. Најголемиот дел од речиси 200 службеници ќе биде преместен на далечниот запад на Украина, во близина на границата со Полска, со цел САД да го задржат дипломатското присуство во земјата.

    Американската влада претходно им нареди на семејствата на вработените во амбасадата да ја напуштат Украина.

    Пентагон вчера објави дека ќе испрати дополнителни 3.000 војници во Полска, каде што веќе се стационирани 1.700 американски војници, со цел да се нагласи посветеноста на САД кон НАТО. Нивната задача нема да биде борбена.

    Земји како Велика Британија, Холандија, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд ги повикаа своите граѓани веднаш да ја напуштат Украина поради страв од руска инвазија, што вклучува и можни воздушни напади. И Израел најави дека ќе ја евакуира својата амбасада во Киев.

    Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливен, кажа дека Американците не треба да очекуваат евакуација од Украина и дека треба да си заминат во рок од 48 часа.

    „Продолжуваме да гледаме знаци на руска ескалација, како доведување нови сили на границата. Русија веројатно ќе го почне нападот со воздушни и ракетни бомбардирања, при што може да загинат и цивили“, изјави Саливен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира