САД минатата година продале оружје во странство во вредност од 238 милијарди долари, откако руската инвазија на Украина значително ја зголемила побарувачката. Американската влада директно преговарала за продажби од 81 милијарда долари, што е пораст од 55% во однос на 2022, објави Стејт департментот.
Остатокот од оружјето бил продаден преку американски компании.
Некои од најголемите набавки ги направила Полска, која почна да ја модернизира својата војска како директен сосед на Украина. Полската влада купила хеликоптери „апачи“, противвоздушни системи „ХИМАРС“ и тенкови „абрамс“ за речиси 26 милијарди долари. Таа потрошила уште четири милијарди долари на одбранбени командни системи.
Новиот премиер Доналд Туск вети дека неговата влада ќе продолжи со модернизацијата на војската, со цел Полска да ги има најмоќните копнени сили во Европа.
Германија купила американски хеликоптери за 8,5 милијарди долари, а меѓу муштериите биле и Бугарија, Чешка и Норвешка, а надвор од Европа – Јужна Кореја, Јапонија и Австралија.
„Русија со децении беше вториот најголем продавач на оружје на светот, зад САД, но руската одбранбена индустрија е во пад и продолжува да паѓа, додека многу држави се тргнаа од неа“, вели Мајра Резник, заменик помошник-секретар на Стејт департментот.