Володимир Зеленски кажа дека САД побарале помош од Украина во одбраната на заливските земји од иранските дронови.
„Партнерите на Украина ни се обратија и имаше барања од американската страна. Дадов инструкции да се обезбедат потребните средства и да се обезбеди присуство на украински специјалисти кои можат да ја гарантираат потребната безбедност“, рече Зеленски.
Запрашан за понудата од Украина, Доналд Трамп изјави дека прифаќаат помош од секоја земја.
Зеленски претходно кажа дека Украина ќе помогне под услов да не се ослабне нејзината одбрана и да има дипломатски придобивки за Киев. Тој најави дека Украина би била спремна да размени свои дронови-пресретнувачи за противвоздушни ракети „патриот“.
Украинскиот претседател разговараше со колеги од Обединетите Арапски Емирати, Катар, Бахреин, Јордан и Кувајт и ветил „конкретни чекори“ за да им помогне да ја одбранат својата воена и цивилна инфраструктура од иранските напади.
„Јасно е кое е нивното главно барање до Украина. Секој што се соочува со ирански напади се соочува со сериозен предизвик, дроновите ‘шахед‘, кои тешко се пресретнуваат без соодветна експертиза и соодветно оружје. Партнерите се обраќаат до Украина за помош во одбраната од овие дронови. Има барања и од американската страна“, рече Зеленски.
Украина со години се брани од напади со руските беспилотни летала „шахед“ базирани на ирански дизајн.



