Американскиот министер за одбрана Лојд Остин очекува Украина да лансира противофанзива напролет, но засега нема најави дека ќе добие борбени авиони од сојузниците, за што украинските власти притискаа во последно време.
„Украина сака да преземе иницијатива. Очекуваме да почне противофанзива напролет“, кажа Остин по состанокот на повеќе од 50 држави кои ја поддржуваат Украина во војната против Русија.
Запрашан дали САД размислуваат да испратат борбени авиони во Украина, тој кажа:
„Немам што да соопштам за тоа“.
Тој додаде дека членките на оваа група досега ѝ имаат дадено повеќе од осум борбени бригади на Украина, што вклучува и модерни тенкови и оклопни возила. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги повика членките на алијансата да го зголемат производството на муниција, која ѝ е неопходна на Украина во пресрет на очекуваната руска офанзива.
„Русија продолжува да испраќа нови трупи на фронтот, но тие се слабо обучени и опремени“, кажа Остин.
Главниот заповедник на американската војска, генералот Мајк Мајли, кажа дека Русија ја изгубила војната на повеќе начини.
„Русија изгуби стратешки, оперативно и тактички и продолжува да плаќа висока цена на бојното поле. Путин згреши. Украина останува слободна, а НАТО и нејзината коалиција никогаш не биле посилни“, изјави Мајли.