Демократите од американскиот Конгрес се согласија да обезбедат дополнителна помош од 40 милијарди долари за Украина, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на два извора запознати со предлогот.
Претставничкиот дом наскоро ќе го донесе планот, кој што го надминува барањето на претседателот Џо Бајден за 33 милијарди долари од минатиот месец, а лидерите во Сенатот велат дека се подготвени брзо да реагираат.
Бајден на 28 април побара од Конгресот да одобри помош од 33 милијарди за Украина, вклучувајќи над 20 милијарди за воена помош.
Новиот предлог вклучува дополнителни 3,4 милијарди за воена помош и 3,4 милијарди за хуманитарна помош.
Во соопштението од Белата куќа кога Бајден побара одобрување на дополнителна помош се вели:
„Потребата е итна: Речиси ги потрошив ресурсите кои што ми беа дадени од големо мнозинство во Конгресот за поддршка на украинските борци. Оваа помош беше критична за успехот на Украина на боиштето. Не смееме да дозволиме нашите испораки на помош да престанат додека чекаме одобрување од Конгресот. Приближно сме десет дена од овој критичен рок“.