Владата на Доналд Трамп привремено ги укина санкциите за дел од иранската нафта, во последен обид да се намалат цените на нафтата среде американско-израелската војна против Иран. Одлуката ќе важи 30 дена и ќе се однесува на купувањето на иранска нафта заглавена на море.
Ова ќе овозможи околу 140 милиони барели нафта да дојдат до глобалните пазари и ќе помогне во ублажувањето на притисокот врз снабдувањето со енергија, објави американскиот министер за финансии Скот Бесент.
Овој потег ја одразува загриженоста на Белата куќа дека порастот на цените на нафтата по три недели напади врз Иран ќе им наштети на американските бизниси и потрошувачи во пресрет на меѓуизборите во САД во ноември.
„Во суштина, ќе ги користиме иранските барели против Техеран за да ја одржиме цената ниска, додека продолжуваме со операцијата ‘Епски бес‘“, рече Бесент.
Куба, Северна Кореја и Крим се меѓу регионите исклучени од лиценцата, која ќе биде во сила до 19 април, а се очекува најголема корист да има Азија, која е главниот купувач на нафта од Блиски Исток.
САД претходно ги ублажија санкциите и за руска нафта во обид да се скротат цените на нафтата, кои пораснаа за околу 50% и во еден момент стигнаа до речиси 120 долари за барел.



