Светската здравствена организација (СЗО) ги предупреди земјите дека кризата со коронавирусот не ја сфаќаат доволно сериозно, додека бројката заразени низ светот се ближи кон 100.000.
„Постои долга листа на земји кои не покажуваат ниво на политичка посветеност потребна за нивото на закана со која сите се соочуваме. Ова не е вежба. Заканата од епидемија постои за секоја држава, и богата и сиромашна“, изјави шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.
Белата куќа призна дека земјата нема доволно опрема за тестирање на коронавирусот, додека бројката на новозаразени е во пораст на двата брега на САД. Потпретседателот Мајк Пенс призна дека владата нема да биде во можност да обезбеди еден милион комплети оваа недела. Во САД досега починале 14 луѓе.
На тестирање чекаат и патниците и членовите на екипажот на крузерот „Гранд принсес“, кој е ставен во карантин во залив во близина на Сан Франциско. На бродот се наоѓаат преку 3.500 луѓе.
Надвор од Вухан, кинеската провинција Хубеи не пријави ниеден нов случај на коронавирус во последните 24 часа, за првпат од негова појава пред нова година. Во Вухан, епицентарот на заразата, има 126 нови случаи. Во други делови на земјата полека повторно се отвораат училишта.
Во Словенија, вчера се откриени првите шест случаи на коронавирус, а бројката заразени нагло расте и во Германија и Франција. Италија објави дека во последните 24 часа починале 41 лице, најмногу во еден ден досега.