Доналд Трамп сака САД да ја купат и поседуваат Газа, но би им дозволиле на други блискоисточни држави да обноват делови од енклавата.
„Посветен сум на купувањето и поседувањето на Газа. Што се однесува до обновата, би можеле да им дозволиме на други држави од Блиски Исток да обноват нејзини делови. Но, ние сакаме да ја преземеме и поседуваме и да се погрижиме Хамас никогаш да не се врати“, кажа Трамп.
Тој неодамна го шокираше светот кога предложи преселување на Палестинците кои живеат во Газа, со цел таа да се претвори во блискоисточна ривиера, каде што би се отворил неограничен број работни места. Трамп верува дека би можел да ги убеди Египет и Јордан да примат најголем дел од жителите на Газа.
„По обновата на Газа, на Палестинците не би им било дозволено да се вратат. За Палестинците е подобро да живеат некаде подалеку од Газа“, кажа Трамп во интервјуто за „Фокс њуз“.
Планот на Трамп за Газа, кој според меѓународното право би се сметал за злосторство, беше отфрлен од речиси целиот свет, вклучувајќи ги и арапските земји.