САД и официјално се повлекоа од нуклеарниот договор со Русија и најавија дека во наредните недели ќе тестираат нов проектил, што инаку беше забранет во последните 32 години.
Станува збор за договорот што во 1987 година го потпишаа тогашните лидери на САД и Советски Сојуз, Роналд Реган и Михаил Горбачов, со кој се забрануваше развивањето на сите проектили со домет меѓу 500 и 5.500 километри.
Во почетокот на годината, Трамп ја обвини Русија дека постојано го крши договорот со тоа што развива и распоредува нов тип на крстосувачка ракета и со тоа им се заканува на САД и Европа, што Москва упорно го демантираше. САД притоа добија поддршка од свои сојузници во НАТО.
„Русија е сама одговорна за пропаѓањето на договорот. Со целосна поддршка од нашите сојузници од НАТО, САД заклучија дека Русија го крши договорот и со тоа ги суспендиравме сите наши обврски од него“, изјави државниот секретар Мајк Помпео.
Руското министерство за одбрана исто така утврди дека договорот и формално е мртов и многумина стравуваат дека ова ќе означи старт на нова трка во вооружување.