САД и официјално ја надминаа границата од два милиона заразени со коронавирусот, објави универзитетот Џонс Хопкинс. Ова следува шест недели откако беше достигната бројката од еден милион потврдени случаи.
Иако дневните бројки на нови случаи паднаа во некои делови на САД, како Њујорк, весникот „Њујорк тајмс“ пишува дека тие се во пораст во дури 20 американски сојузни држави, како Флорида, Калифорнија и Тексас.
„Ова делумно се должи и на тоа што некои држави неодамна ги зголемија своите капацитети за тестирање“, објави весникот.
Мајкл Остерхолм, директорот на Центарот за истражување на заразни болести на Универзитетот Минесота, вели дека општеството обично станува отпорно на вирус откако најмалку 60% од популацијата ќе се заразат.
„Моментално, ние сме на 5% заразени. Ако толку болка, страдање и економско уништување се предизвикани од само 5%, што ќе се случи ако навистина стигнеме до 60%? Мислам дека страдањата само што почнаа, а луѓето не го сфаќаат тоа“, вели Остерхолм.
Од почетокот на кризата, коронавирусот однесе над 115.000 животи во САД.