САД И СОЈУЗНИЦИТЕ ИЗВРШИЈА АГРЕСИЈА НА СИРИЈА, ВЕЛИ ПУТИН

    САД И СОЈУЗНИЦИТЕ ИЗВРШИЈА АГРЕСИЈА НА СИРИЈА, ВЕЛИ ПУТИНСАД, Велика Британија и Франција испукале над 100 проектили на Дамаск и околината (Фото: АП)

    Владимир Путин ги нарече денешните ракетни напади на Сирија како чин на агресија, што само ќе ја влоши хуманитарната катастрофа во земјата.

    Во изјавата објавена од Кремљ, рускиот лидер повика да се одржи итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, во врска со заедничката воена акција на САД, Велика Британија и Франција.

    „Овие напади ќе имаат уништувачко влијание врз целиот систем на меѓународни односи“, кажа Путин.

    Тој уште еднаш нагласи дека хемискиот напад во Дума, кој беше повод САД и сојузниците да ја ракетираат Сирија, бил лажен и изрежиран.

    „Руските воени експерти немаат пронајдено ниту еден доказ дека нападот во Дума се случил“, вели Путин, критикувајќи ги САД и нивните сојузници што го извеле нападот без да почекаат инспекторите на Организацијата за забрана на хемиско оружје да ја посетат Дума.

    Сириската армија објави дека 110 проектили биле испукани кон Дамаск и околината, но повеќето од нив биле соборени од противвоздушната одбрана.

    „Овие напади нема да ја намалат одлучноста на нашата армија да го ослободат остатокот од земјата од бунтовниците“, соопштија властите од Дамаск.

    Загриженост по ракетните напади изразија и Ирак и Иран, кои нагласија дека „ова е многу опасен развој на настаните“.

    И покрај тоа, францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан најави нова воена интервенција, доколку во Сирија се повтори напад со хемиско оружје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира